Томаш Хринач (Tomasz Hrynacz)

Што не може да се поднесе?

Непознатото!
Невозможното!
Недореченото!

Бумеранг

Се осмелив уште еднаш.
Збрав од воздухот, огнот и водата.
Од сонот извадив и напишав од јавето.
Верувам дека тоа не е напразно.

Другиот прозорец

Дали таму е потемно
отколку овде?

Таму е поветровито!

Во нејзините очи

Таков убав почеток.
Таков убав завршеток.

Целиот свет отворен под капаците.

Вртлог

За твоја среќа тоа беше сон што се оствари
прерано, непосредно пред самракот.
Беше и премин. Молење за мост или барем за скали.

Лузна

Тоа што се случува во сонот, нека остане во сонот.

Два излеза

Секогаш можам пак да излезам.
Па, излегувам.

Без крај

Сепак не, нема да преминам на другата
страна. Таинствените премини зараснаа,
останатите отпливаа во заборав.

Сивозелени облаци висат над градот, таму над онаа река. Вечерта како врела лава се топи
на работ од ридот.

Октомври: се слуша како капките паѓаат
во барата со лисја и песок. И погледот како
бодеж ја крши школката на мракот,

минатите денови се облечени во пепел.

***

Нема таква душа, во која не би можел
да се всели

ангел.

Годишни времиња

Свет: без миг сигурност. На пладне
ветрот ја милува градината. Проѕирна капка
помеѓу правливите коприви. Расветлен

со небесен прав прозорец, град. Тука едноставно
гледајќи не смее да се доаѓа, да се притискаат капките,
да се црта што било што се предвидува, запалува.

Да се сака да се верува, дека сѐ е чудо.

Минат живот

Влезе, излезе
на патот.
Без повраток.
Непристрасно. Слезе.

(И можеби токму заради тоа,
умирањето сега е
најмоќниот збор,
јазикот не се извлече од усната
шуплина?)

Презеде ноќта.
И се облече во пајажина,
да ѝ е страв да ја отвори фиоката
на срцето.

Допрени со Божјиот прст

Се врати, како во полусон.
Се врати полусвесно.
Мирис на рамена и топлина на колена.
Внимателно се фатија за раце
и заминаа во ноќта.

- Игло во срцето - води
во погоден момент - води
грижливо.

На фронтот на денот

Поплава од зовриени
облаци во сандакот на небото.

Месото на сонцето гори
во отсечените гранки на улиците.

Птица лета ниско
над земјата.

Најчесто сепак
фантазира ветрот.

Препев од полски на српски јазик:
Олга Лалиќ-Кровицка
Препев од српски на македонски јазик:
Весна Мундишевска-Велјановска

Биографија
Томаш Хринач (Tomasz Hrynacz) е полски поет роден 1971 година. Објавил дванаесет книги поезија. Со негови песни застапен е во неколку светски антологии. Преведуван е на англиски, хрватски, чешки, француски, каталонски, германски, српски и македонски јазик. Живее во Швидњица, во Шлеска, Полска.