Збигњев Мастернак

 

ДА ЖИВЕЕ СЛОБОДАТА

 

На мојата Мајка

 

...до Таткото ќе одлетам

ќе се растопам во Него

и радосна, болна ќе Му

испеам приказна.

 

Гжегож Мушал, Во...

 

Диего Армандо Гете

 

- И видов ново небо и нова земја, бидејќи старото небо и старата земја поминаа, и повеќе нема ни море – повторив цитирајќи го мојот покоен татко, кој ми се појави на сон. Разбуден, се прогегнав и погледнав низ прозорецот во автобусот. Грунвалдските полиња, на кои пред многу векови се одржа една од најголемите битки во Европа, распослани беа со шатори среде кои се движеа многу млади луѓе од Полска и од Германија. Размислував за мојот татко. На неговиот погреб беше присутно целото село. Дојдоа од љубопитство: цели три дни по смртта од неговата уста бликаше крв што не засируваше. Кога ја бришев со шамивчето, некој се пошегува дека не засирува затоа што премногу била разредена со алкохол. Друг пак додаде дека навистина е речиси сина. “Па тоа е целиот Принц!“, додаде друг глас, веројатно тоа беше Јанковска. По погребот и’ ветив на мајка ми дека кон мене луѓето ќе имаат повеќе почит...

Со сета силина се се обидував за сево ова да заборавам. Слегов од автобусот за да ја стигнам нашата класна раководителка. Беше учителка по историја и заедно со колегите од студиите го организираше овој собир: се одвиваше по повод следната годишнина од битката и собирот требаше да биде интеграциски. Не’ натера токму Грунвалд да го избереме како цел на нашата последна одделенска екскурзија – веќе ги положивме приемните испити на универзитетите и набргу нашите патишта требаше засекогаш да се разделат.

Сонцето печеше кога одевме кон полињата кај што беа распослани шаторите. На денот на Грунвалдската битка исто така било доста жешко. “Ништо чудно – си помислив – што крстоносците ја загубија битката: толку долго на сонцето се изначекаа да дојде војската на Јагело“.

Ги распославме шаторите во за нас назначените сектори и отидовме на разгледување. За почеток – споменикот од битката.

- Ова е дело на Јежи Бандура... – класната ја отпочна својата приказна. Нејзините зборови ги слушав од љубезност. Гледав со љубомора кон колегите и колешките: сите освен мене станаа студенти и сега беа насмеани, склони кон шегување. Знаеја што ќе прават во следните неколку години. А јас? Тоа што не успеав да станам студент во Краков означуваше загуба на Ружа – таа успеа.

Тргнав да го разгледам споменикот. Обиколувајќи го здогледав напис со креда: „Polen die Hure”. И ова веќе не наликуваше на делото на Јежи Бандура, туку на дело на германски туристи. Не знаејќи го јазикот на Гете, можев само да претпоставам што значи ова.

-А сега ќе појдеме до музејот... – не’ поведе класната кон импозантната бела зграда.

Ме вознемири значењето на написот. Кога влеговме внатре, не успеав да се сконцентрирам на разгледувањето на изложбата, особено што никогаш не ме интересирало за`рѓано железо.

– Голема победа на полската војска... – ја развлекуваше класната приказната за својата омилена битка.

Дури заносниот задник кој го нишаше младата туристка од групата Германци што одеа пред нас, придонесе написот да престане да ме интересира. Зборовите на класната ме потсетија дека во животот се’ уште не сум ја здобил својата “прва голема битка“. – Љубов, или Ружа како што ја викав, сакаше со тоа да причека до свадбата... До свадбата... Сакаше да се оженам со неа за време на летниот одмор... Во Краков би ја лечел ногата и би се подготвувал за приемните испити за следната година. А јас се уплашив... Значи, за Ружа требаше да заборавам што поскоро – и си помислив дека “првата голема битка“ над германската туристка може да ми помогне во ова.

– Денес попладне ќе организираме интеграциска средба – рече класната кога излеговме од музејот. – Во рамките на таа средба ќе се одигра пријателски натпревар Полска-Германија, а подоцна ќе има поетска вечер. Сега имате слободно време.

Не можејќи да одлучиме што да правиме – сакавме што подобро да ги искористиме миговите кои за последен пат ги поминуваме заедно – долго време бевме како занемени.

Не можев да одлучам што да правам – сакавме што поубаво да ги искористиме миговите кои што за последен пат ги поминувавме заедно – притоа долго молчевме.

– Ајде да се испијаниме – предложив, со оглед на тоа што други предлози немаше.

Многуте од нив се зачудија – дотогаш совесно ги почитував правилата за водење здрав живот – сепак групно се упативме кон најблиската продавница. Се понадевав дека испијанет ќе престанам да се секирам за иднината. Купив шише вино што се викаше Грунвалдска битка, со два вркстени меча на Владислав Јагело на етикетата. Сепак, кога дојде време за пиење, мене желбата ми помина. Појдов да се помотам по кампот – сам. Мечтаев да ја сретнам младата Германка од музејот, но не ми успеа. Се вратив во шаторот.

Кога дојде попладнето, ми пријде класната.

– Ајде, теренот е подготвен. – Со шамивче ја избриша потта од пегавото чело. – Ја комплетираме репрезентацијата – продолжи со восхит. – Те пријавив за нашата... – погледна со очекување, особено што на себе го имав својот стар фудбалски дрес.

Ревносно скокнав од душекот, но одеднаш седнав поткривнувајќи од болка.

- Коленово... ме разбирате... не можам... – се трудев да не и’ гледам в очи.

Нестрплива, постојано гледаше на мојот дрес. Што ли си размислуваше? Толку направи за мене науката да не ми пречи во тренирањето, како и да станам голем фудбалер кој ќе ја прослави татковината – а јас не сакав да и’ сезаблагодарам... Замина без збор. Да имаше врата во шаторот – ќе ја треснеше.

Притиснувајќи ја главата во душекот почнав да прислушкувам. Одекнуваа звуци од музика. Ја препознав химната на Германија. Следна беше Мазурката на Домбровски, иако посоодветна ќе беше Богородица...

-Уште Полска не загина...

-...додека ние живееме... – потпевнуваа полските учесници на собирот.

Колку пати само сонував да ја ислушам нашата химна во бело-црвената маичка на репрезентацијата...

Одекна судиската свирка, а потоа и бодрењето на навивачите. Со жалење помислив дека веќе никогаш нема да станам фудбалска ѕвезда, да бидам обожаван од сите, а особено од жените. Ме обзеде сонливост. И повторно ми се појави на сон татко ми.

– Оклоп ритерски облечи си сине – рече. – Мораш силен да бидеш, посилен од мене. Мораш да се браниш, затоа што на глава ќе ти се качуваат. Со оклоп од дебел блескотлив метал. Да се браниш од многуте злобни зборови и погледи со кои ќе стрелаат кон тебе. Голема војна те чека, мораш да обезбедиш истрајување на нашиот род, негова преродба во моќ и слава... Во таа војна тешко ќе наидеш на сојузници, јас во својата не наидов на помош. Многу непријатели ќе имаш, чијашто единствена желба ќе им биде твоето погубување, твоето пропаѓање. Меѓутоа, облечи го оклопот што за тебе го исклепав од стари леѓени и кофи кои луѓето ми ги носеа на залимување. Солиден оклоп. Тој ќе те штити од злото. Твоето име ќе биде изговарано со страв. Најпрвин води герилска војна каква што познавале твоите претци. Некогаш од тебе ќе бегаат и ќе те избегнуваат, голем водач ќе бидеш. Значи, облечи го оклопот и тргнувај, не губи време затоа што е кусо, јас не стигнав... – рече, а јас се олцнав. Каква војна? Веројатно заради посетата на музејот си се присонив во оклоп.

Вревата стивна, така што се осмелив да излезам од шаторот. Го сретнав раздразнетиот поглед на класната кој можеше да значи само едно: На Германците им успеа реваншот за битката кај Грунвалд. Го спуштив погледот, но само за миг – веќе во ништо не можеше ниту да ми помогне, ниту пак да ми наштети.

Не ми се сакаше да учествувам на поетската вечер, туку повторно тргнав да се влечкам по околината. Бесвесно заскитав под споменикот на грунвалдската битка. Написот си стоеше на свое место: „Polen die Hure”1. Во кампот се вратив кога веќе се стемнуваше. Гореше логорски оган, а околу него група млади. И така, барајќи го мојот клас, конечно ја здогледав Германката! Ех, мајката! Како да воспоставам разговор со неа? Не знаев германски. Да и’ предложам да одиграме партија шах? И онака имам во шаторот. Но, таа како за вљубеничка во шахот е преубава, а јас пак сум безнадежен шахист. На фудбалските подготовки исклучиво игравме карти... обично победував. За жал, како и дотогаш, во мојот живот се потврдуваше едно правило: доколку некој има среќа во карти, нема кај жените. Мојата врска со Ружа беше исклучок што го потврдуваше ова правило. Само шахот ми преостанува... Погледнувајќи кон девојката си претпоставив како во одреден миг ми се насмевнува велејќи: “А сега ќе ти го кутнам коњот“. Но, ја отфрлив оваа мисла: што би било кога сепак би се уплашил и би одговорил: „Nein, nein… сам ќе го сторам тоа“?

Најпосле, едноставно ми дојде идеја да и` се претставам.

- Викторија – одговори смеејќи се. Почна да ме распрашува кој сум – на полски!

Објасни дека студира полска филологија.

- Зошто?

- Затоа што имавте и се’ уште имате прекрасни поети – соопшти со блесок во очите. А нејзините очи беа лазурни. Ја развеа косата – долга, светла. – Таков Мицкјевич... Јас исто така пишувам стихови... – изусти тивко. – На поетската вечер читав своја песна за полско-германското пријателство. Може си ја слушнал?

- За жал... – Само што сакав да изустам дека песни што јас единствено ги знам се Легија курва! Виѕев кучиња! Или Легија треба да се почитува, Легија е најдобра... А поезија? Еднаш на фудбалски тренинг слушнав дека “поезијата е лајно“. Си помислив, ќе се навреди. Со неа попрво би поразговарал за германската фудбалска школа.

- Гете... – само на ова презиме се сетив: подготвувајќи се за матурата читав статија за него што ме заинтересира. – Бил многу интересн човек – реков во знак на признани. – Сум читал дека во своето творештво бил индивидуалец и таа вештина совршено ја совладал – слично на моите фудбалски вештини. Немам пишувано стихови, но кога би морал би сакал тоа да го правам како него.

Викторија се загледа во небото – со копнежи.

Од таа статија дознав и за среќата што ја имал Гете кај жените.

- Така би сакал да напишам некој стих за твоите лазурни очи, за долгите светли коси... – и’ се нафрлив со поглед од кој зацрвене. Сепак, моите зборови и погледот и` се допаднаа, затоа што се насмевна и неочекувано изусти:

- Ја сакам Полска... и Полјаците.

Не можев да и’ се реванширам со љубов кон Германците. За волја на вистината, не се сметав за запален патриот како мојата класна, освен тоа бев слаб по историја, но од дедо ми знаев дека со полската крв, пролеана низ историјата од страна на нашите соседи од другата страна на Одра, би можело да се наполни цела река – би изгледала како една голема, отворена вена.

А љубовта кон Германките? Викторија беше првата која што лично ја запознав. Ме потсетуваше на Клаудија Шифер – нејзиното голо тело висеше на плакатот на ѕидот од мојата соба. Девојката ми се допадна, па така во спомените почнав да пребарувам гестови на пријателство од Германците кон Полјаците. И тогаш повторно Гете ми дојде на ум – впрочем напишал стих под наслов До Адам Мицкјевич, што му го подарил на полскиот поет заедно со своето перо. Уште се потсетив на собирот во Гнезно за време на кој германскиот цар ставил дијадема на главата на полскиот принц – Болеслав Први.

Говорејќи и’ за ова на Викторија, не спомнав што уште исчепкав од приказните на дедо ми: дека првата буква од нејзиното име била еден од симболите на хитлеровската горделивост. Го премолчев ова, затоа што вечерата требаше да биде интегративна, а јас се` повеќе копнеев (мечтаев?) за интеграција со Викторија...

Се насмевна и ме поведе за рака.

- Дојди – ми рече, а кога станавме на германски се обрати кон една своја другарка со фотографски апарат. Тројцата тргнавме во правец на споменикот. - Ќе направиме слика со него во позадина. – Покажувајќи на споменикот дофрли неколку збора на мајчин јазик.

Се прегрнавме. Нејзината близина ја засили мојата желба за “решавачка победа“.

Блицот блесна така, што дури и ме заслепи: па јас се` уште не ни знам какво е значењето на написот. Ја замолив Викторија да ми го преведе на полски „Polen die Hure”.

- Полска е курва... – Викторија малку беше зачудена.

Во еден миг се сруши мојата восхитеност – и покрај тоа што самата ништо не згреши. Си помислив дека доколку е Полска курва, тогаш јас сум курвин син. И во тој случај имам право да се однесувам како курвин син: да ја напијам Викторија и да постигнам решавачка победа. Но, не само тоа – решив тоа да го направам веќе не од љубов, туку заради прославата на денешната годишнина од Грунвалдската битка. Ќе бидам следното воплотување на победата на полската војска кај Грунвалд.

- Може ќе се напиеш вино со мене? – се насмеав, иако сосема неискрено. Се согласи, па тргнавме кон кампот. Во шаторот ја почестив со вино што претходно го купив во продавница. Празнејќи го шишето, таа говореше за потребата од пријателски односи меѓу нашите народи, а јас во мислите потпевнував една старовремска борбена песна за полското ритерство:

- Богородицо, Дева Марија...

А потоа:

- Викторија! Викторија! Викторија!

Усреќена таа заспа. Но, јас не можев да заспијам. Поезијата ми помогна да ја постигнам својата прва животна “решавачка победа“, а тоа ме натера да се запрашам дали да не отпочнам со пишување стихови? Тоа не ми се чинеше тешко – сепак имав слушнато дека поезијата е лајно: доволно е добро да се сконцентрираш и ќе почнеш да го исфрлаш. Кога конечно заспав, ми дојде на сон да го исфрлаш. Кога конечно заспав, ми дојде на сон Владислав Јагело. Сепак, не тој од етикетата на виното, туку од изразот на лицето на татко ми. Кралот се доближи до мене држејќи еден од двата голи меча што му беа понудени пред отпочнувањето на битката од страна на Крстоносците. Ми нареди да клекнам на едно колено. Сметав дека како награда за мојата прва животна победа, и тоа на грунвалдските полиња, кралот-таткото ме прогласува за вистински маж и патриот. Но, тој го крена мечот и свечено спуштајќи го на моето раме рече:

- Од денес ќе бидеш Диего Армандо Гете...

 

Z języka polskiego na macedoński przełożył:

Zdravko Stamatoski